Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по средбата со претставници кои се дел од МАСИТ, ги истакна успесите што оваа индустрија ги бележи, дури и во услови на пандемија на Ковид-19.
„Обртот на компаниите е околу една милијарда евра, бројот на вработени е повеќе од 16 илјади во овој момент и сите овие бројки во споредба со 2019 година во раст, би рекол двоцифрен, 10 и повеќе проценти. Она што исто така е импозантно и треба да се спомене е дека извозот практично од ИКТ-индустријата на годишно ниво во 2020 година е повеќе од 230 милиони евра. Данокот што го платиле овие компании, а кој е резултат на профитот што го оствариле некаде околу 12 и пол милиони евра, значи сериозна бројка што влегува во буџетот“, истакна Мицкоски
Според него, она што недостига се соодветната клима и поддршката од страна на Владата и исполнување на ветувањата што биле дадени за време на предвремените парламентарни избори во делот на даночната политика, во делот на работните односи.
„Потребно е да се стимулираат овие компании, а ние како ВМРО-ДПМНЕ имаме сериозна програма во делот на дигитализацијата, која практично беше и составен дел од нашата предизборна кампања. Она што го гледаме денеска од Владата е сѐ, само не дигитализација, бидејќи честопати од нивна страна беше најавувано, а нема ни некаков почеток по тоа прашање“, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Додаде дека општество што не е дигитализирано го става во прашање и неговото постоење.